Центарот за развој на стручното образование е основан со Одлука на Владата на Република Северна Македонија („Службен весник“ број 87/06) како јавна установа која ги усогласува јавните интереси и интересите на социјалните партнери во стручното образование, и ја координира соработката со меѓународни институции (член 31 од Законот за стручно образование и обука, Службен весник бр. 71/06 и 117/08).
Врз основа на член 32 од истиот закон, Центарот врши стручни работи во областа на следењето, вреднувањето, проучувањето, унапредувањето, истражувањето и развојот на стручното образование и обука.
Центарот особено ги врши следниве стручни работи:
- Анализа и проучување на образовните системи, посебно за стручно образование
- Проектирање на нови системски и концепциски решенија
- Иновирање на постојните образовни компоненти (програмски, процесни, организациски и др.)
- Истражување на развојните трендови во стручното образование
- Истражување на пазарот на труд
- Изготвување и развој на стандарди на занимања
- Развој на национална рамка на стручни квалификации
- Поддршка на социјалното партнерство во сите фази на образованието
- Следење на реализацијата на наставни планови и програми
- Обука, менторирање и советување на наставниците
- Соработка со меѓународни институции
Средствата за остварување на дејноста се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија и од сопствени приходи од извршени услуги (член 38 од Законот за стручно образование и обука).



